По два часа распит во врска со случајот „Рекет“, пратеникот и поранешен генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, изјави дека ја исполнил својата граѓанска должност, но дека бил повикан само за „мал сегнемнт од случајот“.
Тој додаде дека „лажните вести изминатиот период направиле штета врз недолжни луѓе и дека тој се надева оти со исказот помогнал во истрагата“.
„Апсолутно да, мислам дека помогнав на некој начин да заземе правилен тек, јас морам да признаам иако сега не знам дали смеам сите тие детали да ги кажам, бев повикан само за еден мал сегмент. Ова со Катица, Камчев, Кичеец нема никаква врска со мене. Тоа не се дискутираше денеска, ниту ги знам ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознаам“, изјави Кирацовски.
Тој рече дека не присуствувал на средби каде наводно Јовановски рекетирал, ниту пак посредувал кај одредени градоначалници, ниту пак дека се препознава во псевдонимот Кики.
„Не, јас не сум Кики. Се видов со новинарот Бранко Героски и, нека ми прости, ама ми призна дека за мене направил фаул“, рече Кирацовски одговарајќи на новинарски прашања.