Со класифицираниот извештај за Катица Јанева в рака, претседателот на собраниската комисија за именување, Илија Димовски, изјави дека ќе предложи денешната седница да се одвива зад затворени врати затоа што, како што рече, извештајот содржи многу детали од истрагата.
Според процедурата, пратениците првично ќе гласаат за затворање на седницата, по што јавноста ќе биде исклучена. Деветмина од 13-те пратеници имаат сертификати за класифицирани информации, но ако се затвори седницата, ќе бидат вклучени замениците кои имаат сертификати.
Ако пратениците одлучат седницата да биде затворена, тие ќе добијат дополнително време да направат увид во класифицираниот извештај.
Костадин Костадинов од СДСМ, пред почетокот на седницата побара Илија Димовски да се иземе од седницата поради тоа што е осомничен во предмет на СЈО и поради можноста за конфликт на интереси. Димовски се заблагодари за укажувањето и возврати дека по таа линија многу политичари од СДСМ ќе треба да се иземат од истите причини.
Димовски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за разрешување на Јанева.