Четвртиот „Друга приказна“ за маргините како сеопшт феномен

Скопје во наредниве четири дена ќе биде регионален книжевен центар. И не само книжевен, оти во МКЦ покрај најавените дваесеттина писатели од соседните земји и уште толку творци од домашната сцена, ќе се извртат и еден куп други уметници и најважно многу луѓе кои имаат потреба на виделина да ги изнесат сопствените ставови и стремежи за реалноста во која живееме. За творештвото над се и неговото место во постојниве искривоколчени општествени и социјални слики. За културата и нејзините позиции и третманот што го има или поточно нема, за нашите светогледи. На четвртото издание на Фестивалот на мали фикции „Друга приказна“ да чујат, видат, дискутираат ...на тема „На маргините“, која според замислата на организаторот, издавачката куќа „Темплум“, овојпат беше иницирана меѓу другото и од двата убави и значајни јубилеи - 25-годишнината на списанието за култура, „Маргина“ и 10 годишнината од порталот „Окно“ кој започна со работа во 2009 како нејзино своевидно проширување.

- Насловот на темата делумно се однесува на списанието „Маргина кое оваа година полни 25 години и одбележуваме јубилеј, но реферира и на пошироки општествени работи. На пример на маргиналната позиција на културата во општеството, на економската деградираност на голем дел од луѓето фрлени по рабовите, на маргините во општеството...дури ако сакате и на географската маргинализираност на нашата земја во регионот, а да не зборуваме за Европа. Нема да се задржиме на Фестивалот само на културните аспекти на прашањето на маргиналност бидејќи културата секогаш значајно е поврзана со општеството, со политиката. Ќе поразговараме и за тие малку пошироки аспекти. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. За маргините како трајно засолниште или привремена затеченост (т.е. заточеност, заробеност). За маргините како слобода и како јазичка игра („отстранение“). Квалитетот на учесниците на фестивалот гарантира квалитетни согледби, споредби, предизвици, продлабочувања... Ќе се обидеме темата да ја расчепкаме и теориски и книжевно, бидејќи меѓу учесниците на фестивалот имаме и теоретичари и критичари и писатели... вели Никола Гелевски од издавачката куќа „Темплум“.

Организаторите и со информација дека по Давид Албахари во 2016 на првото издание на „Друга приказна“, потем нашиот Влада Урошевиќ наредната година, лани хрватската писателка Оља Савичевиќ – Иванчевиќ, овојпат лауреат и добитник на главната награда на Фестивалот е Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина.

Величковиќ е роден е на 2 мај 1962 година во Сараево, каде што и дипломирал во 1986 година на Филозофскиот факултет, на Одделот за југословенска книжевност и српскохрватски јазик. Магистрирал со тезата „Политичкиот театар на Душан Ковачевиќ“. Од 1999 до 2007 година бил сопственик на книжевната работилница Омнибус, за која има уредено над 20 книги. Тој е еден од иницијаторите на книжевниот фестивал „На половина пат“ во Ужице, а има отпочнато и уредувано повеќе списаниеја (Визија, Омнибус, Алчак, ФАН, Книжевен журнал, Школегиум, Текстура) . Од 2009 година во својата рубрика Škljocam i zvocam на интернет изданието на Deutsche Welle пишува сатирични текстови.

Докторирал на Универзитетот во Сараево со теза за идеолошката инструментализација на книжевноста со примери од читанките од петто одделение до четврта година средно образование во Босна и Херцеговина. Со улогата на книжевноста во образованието се занимава во своите книги „Дијагноза – патриотизам“ и „Школокречина: национализмот во босанските, хрватските и српските читанки“. Работи како професор на Катедрата за српска книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Член е на босанскиот ПЕН центар.

Автор е на книгите: Konačari (роман, 1995), Đavo u Sarajevu (збирка раскази, 1996), Sexikon/Sexpresionizam (проза, 1998), Sarajevski gastronauti (проза, 1999), Sahib: Impresije iz depresije (Сахиб: импресии од депресијата, роман, 2001, објавен и на македонски во издавачката куќа „Икона“), Otac moje kćeri (роман, 2002), Viva SEXICO (2006), 100 zmajeva (роман, 2007), Dijagnoza-patriotizam (есеи, 2010), Vremenska petlja (роман, 2011), Školokrečina: nacionalizam u srpskim, hrvatskim i bošnjačkim čitankama (збирка сатирични есеи, 2012), Vitez švedskog stola (Витез на шведската маса, збирка раскази 2013, објавена и на македонски во издавачката куќа „Темплум“).

За него ќе биде забележано и тоа дека има комплексен и разгранат книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“.

И, кога сме веќе тука, да кажеме дека покрај Величковиќ од Босна и Херцеговина во Скопје на „Друга приказна 2019“ доаѓаат и Енес Куртовиќ и Лана Басташиќ, од Србија – Дејан Алексиќ, Ана Марија Грбиќ, Станислава Бараќ, Саша Ќириќ, Драган Протиќ и други, од Хрватска – Луиза Бухарова, Бугаринот Иван Димитров, Денеш Крушовски од Унагарија, Сузана Тратник и Андреј Блатник од Словенија и Нора Исмаили и Тристан Халилај од Косово.

Со нив ќе другаруваат, искуства ќе разменуваат и ќе дебатираат и нашите творци како Ѓоко Здравески, Искра Гешоска, Тијана Спасовска, Румена Бужаровска, Мариглен Демири, Билјана Црвенковска, Душко Крстевски, Владимир Мартиновски, Сеад Џигал, Анастас Вангели, Владимир Јанчевски, Ненад Јолдески, Владимир Лукаш, Ѕвездан Георгиевски, Саша Станишиќ, Горазд Кени Китановски, Гето Руди, Оливера Ќорвезироска, Магдалена Хорват, Синоличка Трпкова, Алек Букарски, Тихомир Диковски, Линдита Кадриу, Фросина Крушкаровска, Андреј Јованчевски и други.

Конечно од „Темплум“ и со акцент на тоа дека „Друга приказна“, меѓу другото, сака да биде и провокативен и забавен фестивал, на кој значајно место имаат и други креативни луѓе, не само оние од светот на книжевноста. Од таму, овојпат на сцените во МКЦ ќе се извртат и неколку концерти и ликовни изложби. Така, разбирливо е што меѓу нив првично публиката ќе има можност онаа на која ќе бидат изложени кориците на списанието „Маргина“, потем и да го погледне документарецот за почитуваниот професор, творец и значаен урбан лик Стефан Сидовски – Сидо, па и филмот „Окупираното кино“, дека со Владимир Мартиновски како промотор ќе биде сторено претставувањето на „Мала антологија на современата македонска микрофикција“, а за звучното обојување на манифестацијата ќе се погрижат белградскиот бенд АХ АХИЛЕЈ, скопскиот ВОЛТЕР МАНИ АЛ ХАКИМ, Ненад Тонкин и незаобиколните СВИРАЧИЊА.

И, тоа не е се оти традиционално нагласен интерес и овојпат се очекува за натпреварот со „едноминутни новели“ насловен како ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ кој овојпат планирано е да го водат Ѓоко Здравески и Драган Протиќ.

Кон ова само уште и информацијата дека „Друга приказна 2019“ е поддржан од Мрежата за литература „Традуки“ и Министерството за култура на Република Северна Македонија.