Започнува со работа Агенцијата за национална безбедност, соопшти денеска деректорот на институцијата Виктор Димовски. Тој истакна дека сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.
Ангеловски рече дека денешниот ден е и историски, бидејќи како што наведе завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во земјата.
„Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата. Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата“, рече Димовски.
Тој додаде дека од денеска почнува нова ера во оваа област, односно дека Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија, нагласи Димовски.
Тој исто така посочи дека Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот „ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ“, рече Димовски.