Наставниците нема да ги примаат децата на настава на првиот школски ден, велат од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) најавувајќи го утрешниот предупредувачки штајк поради незадоволството до покачувањето на платите од пет проценти.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека ивните членови утре ќе дојдат на работа и ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но дека нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште.
„Ова ќе биде предупредувачки штрајк. Од вторник наставниците ќе одржуваат настава, но бараме преговори со Владата за исполнување на нашето барање за покачување на платите на просветните работници за 25 проценти“, вели Неделков.
Министерот за образование и наука Арбр Адеми денеска на прес-конференција ги повика директорите и наставниците во основните и средните училишта да се подготват за утрешниот прв училишен ден, бидејќи како што рече едукацијата на учениците не треба да има застој.
Тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и материјалниот статус на наставниците.
Адеми нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците и дека за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по пет отсто лани и оваа година во септември.
„Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата“, рече Адеми додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покажување на платите.