Поранешните европратеници Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, во српското Собрание во Белград ја започнаа дводневната посредничка мисија зад затворени врати со претставници на опозицијата и власта поради политичката криза, објавија дел од српските медиуми, а пренесе МИА.
Немања Тодоровиќ Штиплија, основач и главен уредник на порталот „European Western Balkans“, за „Данас“ вели дека Кукан и Флекенштајн доаѓаат во „предмисија“, за да ги слушнат главните проблеми и за да ја утврдат фактичката состојба. Штиплија објаснува дека Кукан и Флекенштајн биле избрани затоа што се многу искусни во вакви работи, затоа што веќе водеа преговори меѓу властите и опозицијата во Северна Македонија. Според него, единственото нешто по што е разликата, кога се споредува тогашната политичка состојба во Северна Македонија и актуелниот политички момент во Србија, е фактот дека во Скопје постоеше голема опозициска партија.
Тој прави споредба на сегашната власт во Србија и поранешната власт во Македонија.
„Мислам дека Српската напредна партија (СНС) и нејзиниот лидер Александар Вучиќ никогаш нема да ги повторат истите грешки што ги направи ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија. Секако, ситуацијата во Македонија во тоа време и сегашната состојба во Србија не е многу различна“, изјавил Штиплија, додавајќи дека моделот кој е применет во Македонија е целосно копиран во Србија.