„Скопје синема сити 2019“ со грст големи гитарски приказни

Со акцент на гитарата и големите мајстори на овој инструмент, легенди како Роберт Џонсон, Ерик Клептон, Кит Ричардс...и нашиот Влатко Стефановски, од 2 до 7 септември, ќе се одржи петтото издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Иако на мнозина ќе им се чини „како речиси вчера да беше промовирањето на идејата“, еве пред нас е петтото ( ако сакате и „јубилејно“) издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Значи, манифестацијата ја јавна традицијата и за очекување е и натаму со квалитетна програма како и досега да ја разгалува домашната (суб)културна публика потврдувајќи се како едно од оние ововремени случувања кои и даваат една поинаква, зголемена вредност на вкупната (понекогаш предвидлива) понуда. Да биде мисионер во едукацијата на генерациите затечени од насилството на овдешното практикување на политиката и нејзината интенција да ни ја замаглува потсвеста. Да ни го уништува духот и потребата за поинакво поведение, за бунт и за здрава промисла.

Но, да се вратиме на претстојниот „Скопје синема сити“, на она што Фестивалот има намера да го понуди во досега, ако не се лажам, својот најдолг термин цели шест дена.

И, на самиот почеток еден настан кој оди во прилог на освежување на меморијата за она што несомнено претставува наше национално духовно богатство, наш идентитет. Во музеј на град Скопје, на 2 септември во 20 часот, ќе биде отворена изложбата насловена „Патешествие“ на која по прв пат ексклузивно ќе бидат претставени постерите и плакатите за концертните и промотивните настапи на Влатко Стефановски. Преку нив визуелно ќе биде сторен напор да се отслика дел од животната, односно уште повеќе професионалната кариера на големиот музичар. Од почетоците со БРЕГ и блескавите денови со ЛЕБ И СОЛ, соработките со големите Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов, KING OF THE STRINGS...до мигот кога несомнено Стефановски безусловно го има статусот на најголемата балканска гитарска ѕвезда. Уметник чија зрелост допрва треба да донесе исклучително значајни проекти.

А, во пресрет на ваквото негово претставување и соло концертот што на „Скопје синема сити“ ќе го има веќе наредниот ден, на 3 септември во Кинотека, Стефановски во својата изјава до медиумите пишува: „Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далекоу поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња“.

И, кога сме веќе тука само уште и информацијата дека воведен збор на отворањето на „Патешествие“ ќе има Урош Вељковиќ, ликовен уметник и тапанар во македонскиот хард-рок состав СТИЛ ТЕМПЛ.

„Изложбата на Влатко Стефановски е моја дамнешна желба бидејќи во неколку наврати имав видено дел од тие негови постери кои се врамени и стојат на патот кон неговото студио и тоа е историја. Доволно е да помислите како сте се чувствувале на негови концерти и да го преслиакте тоа на места како Лондон, Торонто, Њујорк, Љубљана, Загреб, Белград, Минхен, Солун и уште десетици градови. Имавме среќа што Влатко се согласи на ова бидејќи ова е дел од лична колекција која е архивирана со годините“, вели Ненад Георгиевски, идејниот творец и организатор на „Скопје синема сити“

Тргнувајќи од ова повеќе од разбирливо е што акцентот во годинешната програма е ставен на големите гитаристи и нивните животни приказни, или барем на епизоди од она што го поминале во своите богати кариери.

Така во пресрет на перформансот на Стефановски, на првата вечер во Кинотека, публиката ќе има можност да го види „Кит Ричардс: Под влијание“, филмот кој се обидува да фрли повеќе светлина на ликот и делото на човекот кого мнозина го сметаат за срцето и душата на РОЛИНГ СТОУНС, најголемиот и веројатно еден од најзначајните („најживите“) бендови во историјата на рокенролот. Еден од оние кој е синоним за постојаност и чија пројавност со „камењата“ или со неговите ВИНТИЏ ВАЈНОС, или можеби како гостин..., е неизмерно ценета кај безмалку сите значајни имиња од современата поп култура.

Жанровската одреденост на третата вечер на „Скопје синема сити“ публиката ја води кај уште две легенди. Овојпат на блузот и на блуз-рокот. Кај великани како Роберт Лирој Џонсон и Ерик Клептон. Ќе бидат прикажани „Во потрага по Роберт Џонсон“, документарецот снимен во 1991 во Велика Британија, каде домаќин е прочуениот музичар и продуцент Џон Хемонд, а режисер Крис Хант, и потем „Ништо друго освен блуз“, делото на големиот Мартин Скорсезе од 1995 година за музичкиот пат на Клептон каде овој, меѓу другото, посега по класичните песни на блуз класиците како Хаулин Вулф, Би Би Кинг, Мади Вотерс, Бади Гај, Фреди Кинг...

Во паузата меѓу двете проекции предвиден е перформансот на блуз дуото ИН Д МУД.

И, по ваквиот гитарски удар, четвртата вечер е замислена како излет во едни поинакви, ако сакате и „поалтернативни“ води. Во соработка со Гете институтот најнапред ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок прв дел“, во кој ќе продефилираат култните германски бендови кои ја потпишаа КОСМИЧКАТА звучна слика на Европа од 1970-те – постави како КЕН, НОЈ!, ФАУСТ, ХАРМОНИА, ПОПУЛ ВУХ, ТЕЈНЏЕРИМ ДРИМ, КРАФВЕРК...

По него, за оние кои преферираат поинаква звуковност и посегање по импровизираната музика ќе се заврти „Изгубената жица“, документарец кој е всушност портрет на авангардниот американски џез гитарист Марк Рибо, кого неколкупати сме го слушале и виделе во Скопје. Во него тој говори за бендовите со кои работи и за проектите кои ги потпишува, а и припаѓаат на ценетата њујоршка даунтаун сцена.

Наредниот ден ќе ги задоволи вкусовите, пак, на оние кои сакаат поинакви музички опкружувања. Имено, најнапред ќе биде прикажана видео сторијата за тивкиот но моќен британски трубадур и крал на болката Ник Дрејк („Роден чувствителен“), а потем онаа за веројатно најзначајниот музички колектив од Португалија и за луѓето кои го лансираа фадото во 21 век - групата МАДРЕДЕУШ, која исто така имавме чест, па ако сакате и нејзиниот водач Родриго Леао да ги видиме во Скопје.

Конечно организаторите на „Скопје синема сити“ одлучиле завршната шеста вечер да им ја посветат на класичните рок бендови како ЈУ ТУ и КВИН, односно на публиката да и ги даруваат документарците за некои од нивните најголеми достигнувања: онаа за албумот „Joshua Tree” на „милосрдниот“ Боно и неговите пајташи и згора на тоа „Приказната за Боемската рапсодија“, песната – цивилизациско достигнување со која Фреди Меркјури, Брајан Меј, Роџер Дикон и Роџер Тејлор поодамна се тргнати во пресрет на некои други емотивни битија од планетите во Универзумот.

„Се потрудив да најдам убави филмови со убав приказни и да прикажам еден инструмент во најразлични контексти и судбини. На некаков начин тоа е поттемата на изложбата со Стефановски, како еден човек кој претставува локална урбана култура, станал реномиран и општо признат уметник далеку од својата матична земја во некои други урбани средини. Фестивалот си наоѓа свое место во ова градско миље со својата програма и тематика и се повеќе се шири да биде мултимедијален проект отколку само како филмски фестивал. Се трудиме да нудиме урбани теми и урбани ликови и приказни за многу урбани луѓе. Затоа со ова петто издание сакавме малку и да скршнеме од нашите претходни концепти со некои работи, а и да останеме исти“, појаснува Георгиевски.