Бизнисменот Орце Камчев денеска бил во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде што дал исказ како сведок за случајот „Рекет“, пред обвинителката Вилма Русковска, потврдија од Обвинителството.
Ова е втор негов исказ во Обвинителството, по оној од 2 мај кога Камчев и го пријавил случајот „Рекет“. Неговата пријава деновиве беше објавена во неколку медиуми, по што од беше најавено дека ќе има истрага како пријавата стасала до јавноста. Дел од медиумите во Македонија, повикувајќи се на информации на бугарските медиуми, деновиве објавуваа и дека Камчев бил во бугарскиот град Варна.
Во притвор за случајот „Рекет“, покрај специјалната обвинителка Катица Јанева, се и Бојан Јовановски - Боки 13 и Зоран Милевски - Кичеец, кои, според снимките објавени на сајтот на италијанскиот весник „Ла Верита“, земаат поткуп од Камчев за тој да биде ослободен од куќен притвор што му беше одреден за случајот „Империја“, во кој е обвинет.