Можеме ли да мислиме на телото на планетата, како на женското тело? Замислете ги вагината и вулвата како порти за нов живот? Климатските промени, како лет на ветрот?
Ова се само некои од прашањата што со заедничката изложба „Силување на природата“ ги заговараат уметничките Сузана Ардо од Лондон, Англија и нашата Шќипе Мехмети. Тие од 27 август до 17 септември, во Галерија 8 во старата Скопска чаршија, ќе го претстават проектот чија иницијација започна неодамна а премиерно и беше понуден на ликовната публика на Уметничката резиденција на Музеј на град Скопје (Cité Internationale des Arts) во Париз, Франција.
Таму уметниците работеле со рециклиран материјал и од ден во ден ги сликале натприродниот звук на бурата, поројните дождови ...својот лет со ветрот. Кога завршиле со сликањето, небото се отворило и тие решиле да ги извадат на виделина создадените слики. Тоа го сториле на брегот на реката Сена со идеја да ја вклучат јавноста во дискусија за климатските промени. Со истата заложба, со протестот кој му е наменет на целото човештвото и делата од „3V“ еве ги сега крај античкиот Вардар. Конечно нивното заедничко делување многу сликовито говори за поврзаноста помеѓу навидум различните точки на времето и просторот.
„Силување на природата“ е феминистичка перспектива за климатските промени. Таа говори за две исклучително горливи прашања – климатските промени и глобалното затоплување кои буквално имаат влијание на секој аспект од нашите животи, на животот на нашите деца и на иднината. Тргнувајќи од таму ние се обидуваме телото на планетата да го идентификуваме со телото на жената. Да посочиме дека тоа тело е изложено постојано и постојано на силување и понижување. Се обидуваме да повлечеме паралела помеѓу силувањето на природата и силувањето на женското тело“, вели Сузана Ардо.
Таа и со дополна дека во вторник, на отворањето на изложбата во Безистен, едновремено ќе се случат и две дигитални промоции на музиката специјално напишана за ваквото ликовно претставување на уметничките. Ардо е автор на стиховите за обете, а зад звучната матрица се кријат познатиот американски композитор Џонатан Дејвид и изведувачите C4 Ensemble of New York и Кристина Катаниа – Флорес.
Од своја страна, Шќипе Мехмети ќе рече дека со Сузана Ардо се сретнале на Арт симпозиумот во Андора минатата година и дека практично од тогаш трагаат каков проект би можеле заеднички да исправат пред публиката. Летово во Париз повторно се се нашле и речиси молскавично се договориле да работат на „3V“, изложбата што сега ја заокружуваат.
Говорејќи за нивните заложби, таа и со информација дека со инсталацијата тие праќаат апел до јавноста да стане свесна за промените што ни се случуваат.
„Сузана и јас со ова инсталација ја повикуваме јавноста да стане свесна за промените што се случуваат на планетата. Во природата, насекаде...Тоа е еден вид нејзин, наш ...протест за тоа што ни се случува е и еден вид продукт на нашата негрижа кон планетата на која живееме и која полека или забрзано неповратно ја уништуваме. Си ја уништуваме сопствената иднина“, истакнува Мехмети.
Во дополнение уште неколку биографски белешки.
Сузана Ардо е визуелна уметница, кураторка и писателка. Нејзината креативна пракса ја истражува поврзаноста помеѓу фигуративната и апстрактната практика. Помеѓу наставата и делувањето во повеќе други области.
Како автор на повеќе ангажирани текстови тежнее кон соработка со мнозина композитори на современа музика, а за своето дело била наградувана од Уметничкиот совет на Англија, Арктичката експедиција и Франкфуртер кунстереин. Нејзините проекти биле претставувани во главните и алтернативните простори на Антарктикот и Арктикот и во британскиот и Европскиот парламент. Во 2018 година Ардо ја претставуваше Велика Британија во Уметничката резиденција на УНЕСКО, а годинава нејзиното дело се присутно на изложбите во Фиренца, во Париз и во Скопје.
Шќипе Мехмети, пак, е афирмирана уметница и графичарка на македонската ликовна сцена. Досега самостојно изложувала во Македонија, Србија, Франција и во САД. Учествувала на повеќе од педесет групни постановки во Албанија, Франција, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Литванија, Египет и други земји, а добитник е на значајни професионални награди и признанија. Таа за диптихот „Без наслов“, беше добитничка на Гран-при на 17 Зимски салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Делото е инспирирано од случка во Париз, а наградата и обезбеди двомесечен студијски престој во ателјето „Citѐ des Arts“ токму во француската метропола.