Фото-сведоштва што го менуваат светот во Галеријата на НЛБ

ФотоЕвиденсПрес во НЛБ Галерија

Три фото стории кои се дел од проектот „ФотоЕвиденсПрес“, чија цел е да се привлече вниманието на јавноста кон случаите каде се кршат човековите права, ја чинат изложбата што во организација на Фото сојузот на Македонија од 20 до 31 август се одржува во НЛБ Галерија во Скопје.

Меџид Саеди, Хавиер Арценилас и Андреа Стар Риз се авторите на трите фото стории кои се дел од проектот-институција „ФотоЕвиденсПрес“ што домашната публика ќе има можност да ја проследи од 20 до 31 август во НЛБ Галерија во Скопје. Станува збор за поставка зад која застана Фото сојузот на Македонија и која влегува во рамките на актуелните „Денови на македонска фотографија“.

„ФотоЕвиденсПрес“ е проект основан во 2010 година од бугарската фоторепортерка Светлана Бахчеванова и фотографот Дејвид Стјуарт од Велика Британија. Неговата заложба е да ја негува традицијата за користење на фотографијата во привлекување на јавноста кон случаите каде очебијно се кршат човековите права и да се укаже на неправдите, мачењата и нападите врз човековото достоинство. Фотографиите со своите дела објавувани во рамките на „ФотоЕвиденсПрес“ не само што го сменија начинот на гледањето на луѓето туку, во некои случаи, успеаа да го сменат и правецот на историјата.

Меџид Саедни - „Жртви на војната“

Нивната активност се темели на верувањето дека фотографиите сами по себе не можат да го сменат светот, но овозможуваат несомнен доказ и приказ на човечки стории за кои не може да се молчи и кои бараат одговор. Затоа не чуди што на три пати „ФотоЕвиденс“ со своите фотографски книги досега има успеано директно да влијае врз владите за да започнат процес на социjални промени.

Од таму „ФотоЕвиденсПрес“, помеѓу останатите здруженија, стана партнер и на проекти со Пулицеровиот центар за кризни известувања, Human Rights Watch, Amnesty International и Фондацијата Отворено Општество.

Инаку, во последните осум години, наградата за најдобра фото-книга „ФотоЕвиденс Бук Аворд“ се доделува на еден фотограф чија работа демонстрира храброст и посветеност во потрагата по социјална правда, a од 2017 година „ФотоЕвиденс“ стана партнер на и престижниот World Press Photo.

Хавиер Арцелинас - „Сикариос“

Згора на ова не смее да се заборави дека избраните проекти се публикувани како дел од серија на „фото-книги“ како признание за работата на фотографите чија посветеност и храброст испорачува болна вистина, создавајќи свест и нетолеранција против насилството врз човековото достоинство. До денес „ФотоЕвиденс“ има испечатено 25 вакви објави и неколку од нив си најдоа свое место во „Најдобри фото-книги на годината“ на магазинот Time и во прочуените The New York Times, Smithsonian magazine, Mother Jones, Vogue и Photo- eye.

И, по ваквите напомени она што е интересно е што „ФотоЕвиденсПрес“ доаѓа во земјава по нецели три месеца од почетокот на 57-те Денови на македонска фотографија на која по прв пат беше доделена и награда за документарна фотографија.

„Фото сојузот на Македонија ова година направи посебен напор да донесе една светска изложба која не нужно ги третира актуелните моменти во глобалната ангажирана фотографија туку повеќе се насочи кон вредноста и квалитетот на делата што ги претставуваме се со цел во македонската фотографија да внесеме еден нов пристап, пристап на третирање на социјални теми, политички теми, теми кој ги допираат човековите права, кршењето нивно и говорат воопшто за насилството врз населението“, вели Кирил Штрков, претседател на Фото сојуз на Македонија, организаторите на изложбата.

Андреа Стар Риз - „Урбана пештера“

Тој и со појаснување дека на Денови на македонска фотографија многу е битно што всушност жирирањето, оценувањето на пристигнатите фотографии, го одредува правецот на движење и однесувањето на фотографите. Штрков смета дека наградените фотографии ги стимулираат авторите да тргнат по таа насока. Од таму истакнува дека поучени од досегашното искуство и од доделата само на едно признание за документарна фотографија, тие догодина имаат намера да го прошират тој дел. Со тоа во конкуренција за признанијата би имало докуметарна фотографија која опфаќа само теми од Македонија и документарна фотографија со теми од околината, односно од регионот.

„Ние ќе ја прошириме оваа тема и ќе ја збогатиме со награди се со цел фотографијата да ја вратиме на нејзината темелна улога – документирање на реалноста. Тоа е главната идеја, а ова претставување на „ФотоЕвиденсПрес“ е само еден пример во кој правец треба да се движат нашите фотографи. Затоа и ја донесовме оваа изложба овде кај нас“, ќе рече првиот човек на Фото сојузот на Македонија.