Обвинителот од тимот на Специјалното обвинителство Бурим Рустеми најверојатно утре ќе се јави на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“, затоа што денеска има закажано судско рочиште за предметот ТНТ. Рустеми за дел од медиумите потврди дека неговиот распит бил најавен пред неколку дена, но спорен беше датумот поради неговите обврски и закажани рочишта за предметите на СЈО кој што тој за застапува пред суд. Тој ја водеше истрагата за предметот „Поштенски банки“ за кој во една од изјавите на обвинителката Лиле Стефанова се спомнува дека изразиле несогласување со специјалната обвинителка Катица Јанева за спогодбено затворање на случајот. Неговиот исказ би требало да ги расветли и сомнежите за информациите кои се појавија во јавноста дека поранешниот директор на МЕПСО Сашо Василевски купил стан од фирма која е под истрага на СЈО во предметот „Поштенски банки“ непосредно пред замрзнување на имотот на осомничените.
Пред него во Јавното обвинителство на сведочење беа повикани обвинителката Стефанова која исказ даваше пет часа, како и нејзината колешка и заменичка на Јанева, Елизабета Јосифовска.Од Јавното обвинителство не соопштуваат кога на дневен ред ќе дојде распитот на Јанева.
Оттаму соопштија дека водат финансиска истрага со цел прибирање на доказен материјал со кој треба да се утврди фактичката состојба. Од Обвинителството додаваат дека одземените телефони и компјутери се вештачат и оти за оние телефони чија меморија е избришана се прават напори за декриптирање.
Опозицијата обвинува дека целиот правосуден систем е заробен од власта и дека истрагата за случајот „Рекет “ намерно не се проширува за да се добие на време со цел уништување на докази за кои опозицијата смета дека го поврзуваат премиерот Зоран Заев со овој скандал.
Во однос на неселктивноста адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека институциите засега покажуваат дека немаат капацитет да се справат со настаната ситуација, затоа што оваа е ситуација која со години владее во земјава.
„Се повторува веќе видената приказна каде што се тактизира, се шпекулира, се формираат комисии и сето тоа трае, наместо институциите на системот да преземат мерки согласно законот и крај. Да се работеше за обичен граѓанин, досега тој веќе ќе беше во притвор. Проблемот овде е испуштената шанса и можност да се направат реформи во системот. Токму поради нефункционалноста на Обвинителството се формираше СЈО, и сега на удар поради сомневањата и шпекулациите за Катица Јанева и се очекува од Обвинителството кое не функционирало сега наеднаш да профункционира“ вели Звонко Давидовиќ.
Видете и ова: Шекеринска – Не сме поддржувале или овозможувале криминалВо ваква ситуација се наметнува прашањето дали до октомври кога се очекува можно доделување на датум за преговори со ЕУ, има доволно време за да се подобри имиџот за владеењето на правото пред земјите членки на ЕУ. Љупчо Петковски од Евротинк вели дека сите случувања околу „Рекет“ се шанса државата да покаже дека законот е слеп и дека правдата треба да ги стигне сите.
„Никој да не биде заштитен , со тоа ќе се прати порака до сите колебливи држави членки на ЕУ кои што постојат и кои се се повеќе, дека кај нас се направил решителен чекор во борбата против културата на неказнивост за која толку многу беа властите во минатото критикувани и од граѓаните и од меѓународните партнери. Со целосно расчистување на случаи како овој, каде има индиции дека се вмешани луѓе блиски од власта, најдобро се зајакнува досието за борба против корупцијата и организираниот криминач“ вели Петковски.
Видете и ова: Груевски и Заев со слични одбрани од аферитеСпоред Давидовиќ институциите не се на висината на задачата и нема да бидат додека не се повикаат на одговорност сите луѓе. Ситуацијата нема да се подобри се додека наместо за криминал, еднаквост и неселективност во правда, зборуваме за правно делување кон власта или опозицијата ќе имаме ваква ситуација, додава Давидовиќ. Според него предметот „Рекет “ е само последица од она што со години се случува во правосудниот систем и кулминација на состојбите.
„Мислам дека сега го допревме дното. Со години ова се случува. Целокупната ситуација, немање на одговорност, селективна правда, вмешаност на политиката во институциите на судскиот систем, неповикување на одговорност и недопирливост на одредени луѓе доведоа до ваква ситуација. Не е овде проблем „рекет“ овде е проблем целокупниот систем и одговорноста на секој поединец. Мора да се прекине со сите шпекулации и политички препукувања затоа што ова е сериозен предмет кој покажува сериозни работи и слабости“, вели Давидовиќ.
За Петковски проблемот не е во капацитетот на институциите за справување со овој предмет, затоа што институциите имаат и луѓе, знаење, опрема и ресурси.
„Јас мислам дека капацитет имаат, но останува да видиме дали имаат интегритет. дали има луѓе со професионален и личен интегритет во институциите кои што би ја истуркале оваа работа до крај расчистувајќи го целосно овој конкретен случај, да застанат на патот на моќниците“, вели Петковски.
Досега единствени осомничени за случајот „Рекет“ се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески со прекар Кичеец кои по вчерашната одлука на Основниот суд Скопје 1 остануваат во притвор уште 30 дена. Тие се осомничени за „примање награда за противзаконско влијание “ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.