Заев: „Нема да дозволам криминалци, суетен новинар и педер да ја урнат Владата“

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев коментирајќи ја аферата „Рекет“ вечерва изјави дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту пак, како што рече „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја срушат Владата. Тој рече дека верува во транспарентен процес, а отфлра секаков вид шпекулации дека тој е вмешан во случајот каде осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милески.

“Шпекулациите кои одат до таму, обидувајќи се некој да ме инволвира мене, уште еднаш да напоменам. Јас сум Зоран Заев, дојдов благодарение на гласот на граѓаните, борејќи се за слобода, демократија, правна држава, нормална земја. Јас сум борец и ќе продолжам да се борам за ова до крај. Секако, нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт. Ќе се бориме до крај, а секој ќе си сноси одговорност“, рече премиерот Заев на свеченоста по повод одбележувањето 18 години од Охридскиот рамковен договор.

Заев додаде дека по доаѓањето на новата Влада, тие создале услови правосудството да работи непречено и го повика Обвинителството да ги изнесе сите докази кои ги има, дури и за него и Катица Јанева, доколку постојат, посочувајќи дека секој ќе сноси одговорност.