Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, по петчасовниот распит во Обвинителството за организиран криминал, изјави дека со надлежниот обвинител споделила се што и е познато за случаите „Империја“ и „Рекет“.
„Свесна сум свесна за интересот на јавноста за истрагата за „Рекет“ и за сите допирни точки со истрагата за „Империја“ каде јас сум предметен јавен обвинител, а сведок од истрагата „Рекет“ е првооомничен во истаргата Империја“. Се што можев да споделам со јавноста јас го споделив во даденото соопштение во петокот. Денеска дојдов овде во својство на сведок. Околу пет часа давав исказ како сведок и се што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да кажам нешто друго од она што веќе го имам споделено“, изјави Стефанова на излегување од Обвинителството.
Лиле Стефанова е надлежен обвинител за предметот „Империја“ во кој обвинет е бизнисменот Јордан Камчев, еден од актерите и во случајот „Рекет“. Таа и претпоставена во СЈО, Катица Јанева, беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.
Обвинителката Стефанова по објавувањето на видеото во кое беше спомната од Камчев, во пишана изјава до медиумите ги негираше неговите тврдења, оценувајќи ги како обид да ја дискредитира како обвинител.
Од ЈО, за сега, не откриваат дали и кога ќе биде повикана и специјалната јавна обвинителка Јанева.