Хан: Борбата против корупцијата на високо ниво да продолжи

Еврокомесарот Јоханес Хан

Eврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан по објавувањето на нови аудио снимки за случајот „Рекет“ на Твитер порача дека борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи.

„Северна Македонија: Борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи непрекинато. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучително и оние што произлегуваат од и околу илегалните прислушувања“, напиша Хан.

Според него, сите кривични дела мора да бидат испитани од надлежните органи, ослободени од какво било мешање, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Ла Верита“ вчера објави нова серија на аудио снимки со разговори на како што наведоа од италијанскиот весник, се слушаат осомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, бизнисменот Орце Камчев и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.