Премиерот Зоран Заев денеска на Фејсбук по најновиот објавен разговор на италијанскиот весник „Ла Верита“ реагираше дека некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат неговото име. Осомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски во една од аудио снимките, како што наведува весникот, го информира бизнисменот Орце Камчев дека има закажана средба со премеирот Зоран Заев.
Според Заев, во разговорот се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник.
„Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот "Рекет" и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста“, напиша Заев на Фејсбук.
Тој притоа ги повикува сите истражни органи во целост да го истражат случајот и да носат одлуки, при што институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи.