Неделници - Правната држава на годишен одмор и милионите на Камчев

Обвинителката Вилма Русковска

Во неделникот Фокус речиси сите текстови и колумни се вртат околу „Рекет“. Во еден од текстовите во неделникот како „вирус во системот“ се смета заминувањето на одмор на двете обвинителки, Русковска и Јанева, во моменти кога разрешницата на „Рекет“ е приоритет за нашата европска перспектива и ситуацијата е вонредна. Глобус во иронично-саркастично хумористичен стил пишува „на Орце да му ги вратат милионите, а Камчев да се врати во ’Шутка‘“

Фокус - Рекет коси, Вилма и Катица се сончаат​

„Правната држава на годишен одмор“ – со ваква насловна страница излезе новиот број на неделникот Фокус, надополнета со карикатурална монтажа на двете обвинителки, Вилма Русковска и Катица Јанева во костими за капење и со маски за нуркање, и уште со еден наслов: „’Рекет‘ коси, Вилма и Катица се сончаат“. И колку јавноста, особено медиумите се преокупирани со овој случај што навистина ја тресе државава покажува тоа што во Фокус речиси сите текстови и колумни се вртат околу „Рекет“. „Заев веќе не е во позиција да зборува за неправдата, криминалот и за корупцијата на претходната власт“ – пишува авторот на уводникот „За нештата да станат појасни“. Па продолжува со тоа дека премиерот сега „мора да погледне и во својот двор и да разбере оти мечката сега и таму заиграла, па и во неговата искреност за непристрасна борба против организираниот криминал, јавноста и опозицијата исто така може со право да се сомневаат“.

Друг текст е насловен со „Шарена лага“ во кој авторката го доживува како „вирус во системот“ заминувањето на одмор на двете обвинителки, Русковска и Јанева, во моменти кога разрешницата на „Рекет“ е приоритет за нашата европска перспектива и ситуацијата е вонредна. „Село гори, обвинителките се сончаат!“ резигнирано извикува текстописецот во Фокус. И како „капак“ на состојбите во државава создадени по можеби најголемата корупциска афера досега е колумната на редовниот колумнист во Фокус, Денко Малески: „Оваа афера со јавното обвинителство може да стане доказ дека општеството, кое ВМРО-ДПМНЕ заедно со СДСМ го управуваат 30 години, е корумпирано до коска“. Па потоа го поставува прашањето: „Тоа ли е она што ги обединува партиите? Ако нивната стратегија беше да докажат дека сите се нечесни – успеаја. Следува деморализација на тие што не се корумпирани“ – песимистички заклучува колумнистот во неделникот.

Видете и ова: Медиумска паралелна „истрага“ за „Рекет“

Глобус - На Орце да му ги вратат милионите, а Камчев да се врати во Шутка

„На Орце да му ги вратат милионите, а Камчев да се врати во ’Шутка‘“ е насловен текстот во онлајн магазинот Глобус, пишуван во иронично-саркастично хумористичен стил. Авторот предлага дадените милион и пол евра (до последното евро) да му се вратат на Камчев, но тој да каже кому му ги дал, односно дали тоа било едно, две или повеќе лица и секако да каже за каква намена се дадени! А торбата „Луј Витон“, вели, да му ја даде на Боки 13. „Од Орце ќе барам“, продолжува авторот на колумната во Глобус, „да покаже и потекло на парите, оти тешко е за верување дека 1,5 милион евра чувал под перница или во јорганот, а башка што не е време за јоргани – премногу е топло!“ Авторот очекува „Орце да биде фин (каков што често знае да биде)“, па би требало да се согласи со СЈО и да потврди дека првата транша евра биле дадени да му се врати пасошот, а ако му се вратат парите тој треба да го врати пасошот и на еден подолг временски период да ги одложи „студиските“ и „едукативните престои во странство“. „Со тоа што Орце Камчев планирал на Боки 13 да му доплати уште 6 милиони и 500 илјади евра, а тој за возврат да му го укине кривичниот прогон“ – иронизира понатаму Глобус, „треба да важат сите претходно наведени предлози, односно да се види дали Камчев ги има дома тие 6 и пол милиони евра, а ако ги има да се види нивното потекло и нивната крајна намена. На крај, уште еден предлог: На Орце Камчев да му бидат вратени и оние 14 милиони евра што ги даде за негово, но и за ослободување на неговите блиски соработници, од натамошно издржување на мерката притвор“. Авторот завршува со ироничната „честитка“: „Нека ни е честит Илинден!“