Јавниот обвинител Љубомир Јовески за МИА изјави дека видео снимката објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“ во врска со предметот „Рекет“, не е од извори од обвинителството. Одговарајќи на прашањето дали оваа снимка може да ја загрози на некој начин истрагата за „Рекет“, тој е деециден дека тоа не може да се случи.
Доколку дојде до судска постапка, појаснува Јовески, доказите, меѓу кои и снимени материјали Обвинителството ќе ги презентира како доказ.
На прашањето дали специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која се спомнува во објавената снимка, ќе биде повикана на разговор, тој посочува дека во обвинителството се повикуваат и ќе бидат повикани сите лица неопходни за истрагата.
Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска во онлајн изданието објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски - Боки 13 и Зоран Милески - Кичеец со бизнисменот Јордан Камчев.