Откако ќе се разгледа внатрешната состојба во државата и по приемот во НАТО кога ќе има позитивни меѓуетнички односи, бранителите кои пред 18 години загинаа на Карпалак, ќе добијат споменик, изјави денеска националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов, на одбележувањето на 18-годишнината од масакрот во месноста Карпалак на патот Тетово-Скопје.
„Во наредниот период очекувам нашата држава да плови во мирни води затоа што влезот во НАТО е извесен и е само прашање на ден кога ќе се случи. Тоа заедно со очекуваниот датум за преговори со ЕУ, верувам дека ќе се одрази позитивно и врз меѓуетничките односи и во таков случај можеме да разговараме за поставување на соодветно спомен обележје на ова место“ изјави Ангелов од Карпалак.