Медиумска паралелна „истрага“ за „Рекет“

Архивска фотографија - Полицијата го води Бојан Јовановски, познат како Боки 13 на рапсит во Суд.

СЈО реагира дека новата снимка за случајот „Рекет“ во која се споменува и името на Катица Јанева, недвосмислено покажува дека „нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите коишто се носени од страна на СЈО и одлуките на судовите“. Од ОЈО не прецизираат дали им е позната снимката. Јанева досега не е повикана на распит. Правни експерти коментираат дека Обвинителство досега требаше да ја прошири истрагата.

Додека предметот „Рекет” е во фаза на истрага во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, во странски медиуми излегуваат видео и аудио снимки на кои се гледаат двајцата осомничени кои се во притвор Бојан Јовановски и Зоран Милески и сведокот Орце Камчев.

На видео снимката на која има и аудио дел, а која е објавена во десничарско конзервативниот италијански весник „Ла Верита”, се гледаат Јовановски и Милески како излегуваат со торба од куќа од која ги испраќа Камчев. Претходно, на снимката се гледа како илјадници евра се ставени во торбата со која излегуваат осомничените, а до неа се бројат евра и се подготвуваат рачно испишани спецификации за изброените банктноти.

Покрај, Камчев, Јовановски и Милески, на снимката се гледа и женска рака, а во аудио делот се слуша и женски глас. Гласот, кој се смета дека е на Јовановски, зборувајќи за притворот на Камчев ја споменува и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, наведувајќи дека „нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови” да го продолжува притворот.

Јанева сè уште не е повикана на распит

СЈО денеска реагира дека снимката недвосмислено „потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од страна на СЈО и одлуките на судовите“. Тие посочуваат дека до Врховниот суд доставиле предлози, жалбите за укинување на куќниот притвор да се одбијат како неосновани, но Врховниот суд и покрај тоа го укинал притворот.

Од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, кое го води предметот, пак, не прецизираат дали им е позната и дали ја имаат како доказен материјал оваа видео снимка. Од таму наведуваат дека сите докази кои ги поседуваат ќе ги презентираат пред надлежен Суд при евентуална судска постапка.

„Предметот е во фаза на истрага во која во континуитет се работи на обезбедување на сите докази”, изјавија од Обвинителството.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески во интервју за порталот Республика, кое е снимано во понеделникот, вели дека ако доказите ги упатат истрагата ќе ја прошират и кон други лица и за други дејствија. Тој вели дека Јанева не е повикана на распит.

„Не, не е повикана, но доколку се укаже потреба, Обвинителството ќе ја повика”, вели Јовески.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, Обвинителство досега требаше да ја прошири истрагата.

„Во истрагата досега можеше многу повеќе да се направи. Па Јанева на некој начин, сакале или не, е кочничар на расчистување на целиот овој случај”, вели Ивановски.

Јовановски дели правни совети

Инаку, на аудио снимката објавена во продолжение на видеото во „Ла Верита” гласот за кој весникот наведува дека е на Јовановски, му се обраќа на бизнисменот, велејќи му „во понеделник ќе ве ослободат, вторник најкасно веројатно. Врховен ќе ве ослободи”.

Видео снимката, според датумот кој се гледа на неа, е направена на 20 февруари 2019 година, односно в среда попладне. На 4 март, в понеделник 12 дена подоцна од снимката, Врховниот суд и официјално ги ослободи од куќен притвор Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ кои сеосомничени во „Империја“.

Апелација ќе ве одбие, вели Јовановски на објавена видео снимка и советува: „Врховен се жалите, како втор степен, на начелното правно мислење советот се повикува автоматски”.

Врховниот суд, пак, претходно, кон крајот на јануари донесе начелно правно мислење дека СЈО е неовластен тужител и не може да покренува обвиненија, да отвора истраги и презема предмети од редовното обвинителство 18 месеци по преземањето на бомбите.

СЈО случајот „Империја“ го отвори лани во ноември. Во него се осомничени 13 лица меѓу кои и екс шефот на УБК Сашо Мијалков за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.