Заев побара поддршка за реформите и расчистување на „Рекет“

Премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата да ги поддржи реформите и го охрабри Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата за случајот „Рекет“.

„Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие, граѓаните сте изморени од политички бојкотирање и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите", изјави Заев во видео обраќање.

Премиерот вели дека ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата и време во кое никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран.

„Го охрабруваме Јавното Обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата. Ова е време на конечен пораз на „заробената држава", рече Заев.