Трамп: Омразата нема место во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп ги осуди двете масовни убиства во САД во текот на викендот, наведувајќи дека „омрзата нема место во земјата“. Тој исто така рече дека Вашингтон ќе преземе акции за решавање на проблемот.

Претседателот Доналд Трамп ги осуди двете крвопролевања во Охајо и Тексас, оценувајќи дека омразата нема место во Соединетите Држави.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: мора да ги запреме масовните убиства

Обраќајќи им се на новинарите во Мористаун, Њу Џерси, Трамп изјави дека американските власти ќе се погрижат за проблемот.

„Мора да го стопираме. Ова трае со години. Со години и години во нашата земја. Мораме да го стопираме“, рече тој.

Трамп рече дека разговарал со јавниот правобранител, со директорот на ФБИ и со членови на Конгресот.

Оценувајќи дека неговата администрација во справувањето со масовните убиства со огнено оружје во земјата направила многу повеќе од другите администрации, тој наведе дека очигледно требало да се преземат дополнителни мерки.

Сепак, тој посочи дека веројатно напаѓачите биле ментално болни.

„Но, ова е исто така проблем со ментално заболување ако ги погледнете двата случаи. Ова е ментално заболување. Овие се навистина луѓе кои се многу сериозно ментално болни“, рече Трамп.

Во престрелките во Ел Пасо, Тексас и Дејтон, Охајо, за време на викендот, загинаа најмалку 29 луѓе.

Во Ел Пасо, граничен град со големо шпанско население, 21-годишно вооружено лице уби 20 луѓе во продавницата Волмарт пред да се предаде.

Властите соопштија дека пукањето се чини дека е расно мотивирано и федералните обвинители го третираат како случај на домашен тероризам.

Полицијата го наведе манифестот за кој рече дека е напишан од осомничениот и објавен на Интернет како доказ дека крвопролевањето е расно мотивирано.

Мотивот на пукањето во Дејтон од страна на 24-годишно лице останува непознат.

Тој беше застрелан од полицијата, откако уби девет лица, меѓу кои и неговата сестра, и повреди многу други во областа во која има барови и ресторани во овој град во Охајо.

Многу демократи побараа построги закони за контрола на оружјето и ги обвинија републиканците за блокирање на потребното законодавство.

Некои демократски кандидати за претседател го обвинија Трамп дека поттикнува расни поделби кои помогнале да дојде до овие масовни убиства.