Десетмина убиени во второ масовно убиство во САД за помалку од 24 часа

Илустрација

Десет луѓе во американската сојузна држава Охајо се убиени во второто масовно убиство во САД за помалку од 24 часа. Полицијата во Дејтон, Охајо, на Твитер соопшти дека меѓу убиените е и осомничениот и дека најмалку 16 луѓе се повредени во денешното пукање.

Полицијата не соопшти други детали, освен дека нападот се случил околу 1:20 ноќеска по локално време, во стариот дел на градот, каде што се сместени ноќните клубови, барови, уметнички галерии и продавници.

Нападот во Охајо се случи неколку часа откако вооружен млад маж пукаше во луѓето во трговски центар на Волмарт во граничното гратче Ел Пасо во Тексас, при што уби 20 луѓе, а неколку десетици се повредени. Полицијата соопшти дека осомничениот напаѓач, кој е уапсен, оставил „манифест“ со антиимигрантска содржина.

Ел Пасо е град со 680 илјади жители во Западен Тексас на границата со Мексико, каде што живее голема латиноамериканска популација. Полицијата соопшти дека во трговскиот центар во моментот на нападот имало околу 3000 луѓе, многумина од нив жители на Мексико, кои редовно доаѓаат на шопинг.

Масовните убиства стануваат сè почести во САД, што ја предизвикува дебатата за леснотијата на набавка на оружје во земјата, иако се преземаат активности тоа да се ограничи.