Масовно убиство во Тексас – Момче уби 20 луѓе во трговски центар

Агенциите за безбедност го обезбедуваат просторот околу местото на нападот

Вооружен маж со пушка вечерва уби 20 луѓе во трговски центар на Волмарт во Ел Пасо во американската сојузна држава Тексас, а над 20 луѓе се ранети. Напаѓачот е уапсен, соопштија властите. Осомничен за убиствата е 21-годишно момче од Алан, Тексас, на околу 1000 километри од Ел Пасо.

Кога почнало пукањето, луѓето панично почнале да бегаат од трговскиот центар.

На снимките од надзорните камери кои ги објави локалната телевизија КТСМ, се гледа напаѓачот кој носи очила, бела маица и панталони, и пушка. На ушите има слушалки или заштитници.

Гувернерот на Тексас Грег Абот рече дека ова е „еден од најкрвавите денови во историјата на Тексас“. Ова е осмиот најсмртоносен напад во модерната американска историја.

Претседателот Доналд Трамп на Твитер напиша дека вестите од Ел Пасо се „многу лоши“.

Откако полицијата упати апел да се донира крв за да им се помогне на ранетите, пред болниците во Ел Пасо се направија редици, па на дел од тие што дошле да дадат крв и рекле да дојдат утре.

Масовните убиства се чести во САД. Пред само шест дена вооружен тинејџер уби тројца луѓе на фестивал за храна во Северна Калифорнија.