Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека до Министерството за правда не е пристигнато барање за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Томор Морина.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за правда ја објасни процедурата и рече дека штом ќе пристигне барањето, веднаш ќе биде препратено на судовите кои ќе треба да одлучат по него.
„Досегашната постапка одеше по потерница на Интерпол, МВР врши запирање на лицето кое сакало да премине граница и потоа се води судската постапката. Ние како Министерство имавме досега единствено надлежност да ги известиме преку МНР амбасадите чијшто државјанин е лицето. Тој е државјанин на две држави, има британско државјанство и косовско државјанство. Ние согласно тие процедури веќе пративме известување до амбасадите коишто се во нашата држава“, рече Дескоска.