Синот на пратеникот Адеми ранет од заталкан куршум на свадба

Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми

Две лица, од кои едното синот на пратеникот од ДУИ Џевад Адеми, биле ранети на свадба во Мала Речица синоќа по 22 часот. Од семејството на Адеми за албанските медиуми потврдиле дека од заталкан куршум биле ранети две лица кои се пренесени во болница во Скопје и дека еден од нив е синот на пратеникот.

Од МВР соопштија дека повредените се на возраст од 26 и 27 години.

„На 30.7.2019 околу 22 часот, на свадбена свеченост организирана во дворот од куќата на 47-годишниот Б.Д, на улица „172“ во тетовска Мала Речица, од испукани куршуми од огнено оружје повреди здобиле 27-годишниот А.Б. од Мала Речица и 26-годишниот Ф.А. од Голема Речица. Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Полицијата апелира до граѓаните да се воздржат од пукање на свадби и други семејни свечености што е и забрането со закон.