Вештачењето и на вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е завршено, но од Јавното обвинителство велат дека не можат да споделат детали, објави МИА.
По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 23-ти овој месец беше пронајден вториот мобилен телефон на Јанева. Телефонот, како што соопштија од Обвинителството, бил пронајден со следење на ИМЕИ бројот со помош на мобилен оператор и лицето кај кое бил телефонот рекло дека го добило на подарок.
По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон на Јанева и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен. Телефоните на специјалната јавна обвинителка и се одземени и дадени на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.