Разрешен претседателот на Врховниот суд на Албанија

Посебниот Апелациски колегиум (КПА) го разреши претседателот на албанскиот Врховен суд, Џезаир Загањори,откако откри проблеми во врска со пријавениот имот од негова страна. Колегиумот соопшти дека приходите на судијата Загањори не го покриваат неговиот недвижен имот, вреден милијарда леки, како и трошоците за петгодишното школување на неговите две деца во Велика Британија и Германија. Со неговото разрешување и Врховниот суд, како и Уставниот суд на Албанија, остана само со еден судија.

Пред почетокот на процесот на проверка на потеклото на имотот, наречен ветинг, петмина судии заминаа поради изминат мандат. Меѓу деветте останати судии само четворица ја минаа првата фаза на ветингот, но потоа судијата Едмонд Исмалај, а сега и Загањори, не можејќи да го оправдаат потеклото на имотот што го поседуваат, веќе не се дел од оваа судска инстанца.