Глобус – Дали Боки 13 бил во спрега со Камчев?
„Кој да го поправи лифтот?“ – прашува авторот на текстот во онлјан магазинот Глобус во кој авторот излегува со една интересна теза, сосема различна од досегашните приказни што се вртат во јавноста. „Прашањето на сите прашања е дали Боки 13 бил во спрега со самиот Камчев, а дека сето ова што го следиме е претстава за сите нас?“ – пишува Глобус. „Впрочем, дали не се забележува дека во мигот по отворањето на аферата ’Рекет‘ сите заборавија кој е Камчев, односно дека од криминалец од прв ранг“ – како што го нарекува неделникот, „се претвори во жртва на системот, едновремено за миг ја сруши институцијата СЈО и ги компликуваше релациите меѓу партиите во и онака заплетканата ситуација со одредувањето на иднината на СЈО, а со тоа битно се подобруваат изгледите на политичката мафија која кај нас е муштерија на оваа инстуција?!“ – пишува покрај другото авторот на текстот во онлајн неделникот, чудејќи се што во земјава има толку сили коишто се трудат да го закочат неопходниот òд на општеството напред, макар и со минимален чекор. „Дури и тогаш кога годината треба да ја украсат две симболични помрднувања во посакуваниот правец, некој го расипува лифтот што оди нагоре“, заклучува Глобус.
Видете и ова: Јанева: Некој со сите сили настојува да го урне СЈОКапитал - Рекет ја поткопува Владата, ама не и датумот за преговори
И Капитал се занимава со „Гордиевиот јазол“ создаден со рекетарската афера, за тоа дали првата жена на СЈО, Катица Јанева е вмешана во дејанијата на засега само двајцата осомничени и притворени – Бојан Јовановски и Зоран Милески и како сето тоа ќе се одрази на нашите евроатлантски интеграции. Неделникот има прилично оптимистичен наслов на анализата, што се однесува до интеграциите, но не и за судбината на Владата на Заев: „Дали македонските интеграции се заплеткани низ криминалните мрежи - ’Рекет‘ ја поткопува Владата, ама не и датумот за преговори“. Според неделникот, европските челници ги гледаат и аферата и реакциите на властите како дел од расплеткување на македонските криминални мрежи. Капитал едновремено е категоричен дека „овој оптимистичен поглед премиерот Зоран Заев сепак ќе мора недвосмислено да го оправда, расчистувајќи го скандалот бескомпромисно и до крај... и тоа не толку заради европските математики, туку заради неисполнетата обврска пред македонските граѓани за борба со криминалците“ – пишува Капитал.
Фокус - Пучот го сруши Груевски, дали на Заев ќе му пресуди Рекетот?
И Фокус е сомничав во врска со судбината на Владата на премиерот Зоран Заев. На насловната пишува: „Сценарио или судбина - ’Пучот‘ го сруши Груевски, дали на Заев ќе му пресуди ’Рекетот‘?“ , а во текстот се потсетува дека „Пуч“ беше по пријава на тогашниот премиер, површно скоцкан да се покријат бомбите, а нарачателот на прислушувањето да се дислоцира од УБК во странските служби. И за случајот „Рекет“, продолжува Фокус, излезе дека во обвинителството го пријавил актуелниот премиер. „Ако истрагата не даде издржани одговори каква е инволвираноста на Катица Јанева и дали се вмешани луѓе на високи позиции во власта, СДСМ тешко дека ќе ’преживее‘ на следните избори“. Во воведната, пак, колумна неделникот смета дека Мицкоски и неговата партија која е заробена во заштитништвото на режимот на Фамилијата, денес се поживи од кога и да е, не поради медиумската врева на владините пропагандисти дека таа врева против Заев и неговата Влада ќе го вратела ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку тоа ќе се случи со огромна заслуга на Заев и на Јанева, двата симбола на борбата против злото, подвлекува Фокус.