Третина од студентите во студентските домови во Скопје имале искуство со корупција

Зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје

Студентите сместени во трите дома во Скопје „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“, дале оценка 2,95 од скалата од 1 до 5, за условите и стандардот на живот во студентските домови, покажува истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) кое опфатило 300 станари во овие домови.

Од вкупниот годишен буџет на ДСД-„Скопје“, кој од 2014 до 2018 просечно е околу 3,5 милиони евра, само 15 проценти се издвојуваат за исхрана на студентите, а 28 отсто се за плати за вработените, а останатите за одржување на домовите. Дневниот трошок за подготовка на храна е 61 денар по студент, т.е. појадок, ручек и вечера, а во тој износ треба да се вклучат и млечни и месни производи и овошје. Нормативот за исхрана е 100 денари (сооднос 20/40/40), но и тој износ, според истражувачите, не би бил доволен со оглед на високите трошоци.

Според истражувањето, 40 проценти од испитаните студенти забележале коруптивни дејства во домовите (за добивање легло или привилегии), а 33 отсто имале лично искуство со некое коруптивно дејство. На прашањето дали би учествувале во коруптивно дејство, негативно одговориле повеќе од 70 проценти, а 89 проценти не знаат каде да пријават корупција доколку забележат.