Казна од 5 милијарди долари за Фејсбук поради кршење на приватноста

Шефот на Сојузната трговска комисија Џо Симонс ја објавува казната за Фејсбук

Американското сојузно регулаторно тело го казни Фејсбук со 5 милијарди долари за нарушување на приватноста и воведе нови надзорни мерки и рестрикции во работење на компанијата. Генералниот директор на Фејсбук Марк Закерберг се смета само делумно лично одговорен за нарушувањата.

Тоа е најголемата казна која Сојузната трговска комисија ѝ ја изрекла на некоја технолошка компанија. Фејсбук лани имаше приходи од 56 милијарди долари.

Како дел од договорот со Комисијата, Закерберг мора лично да гарантира дека Фејсбук ќе ги почитува своите програми за приватност. Во спротивно му се заканува кривична или цивилна казна во случај на лажни гаранции.

Во рамките на овој договор, Фејсбук не признава каква било вина.

Истрагата беше отворена минатата година по откритието дека фирмата за прибирање податоци Кембриџ Аналитика собрала податоци од дури 87 милиони корисници на Фејсбук без нивна дозвола.

Претходно, највисоката казна за кршење на приватноста од „само“ 22,5 милиони долари ја плати Гугл во 2012 година, поради заобиколувањето на контролата на приватноста во броузерот Сафари на Ејпл.