Откако во Бугарија почна уништувањето на свињите во местата каде што е потврдена зараза со болеста „африканска свинска чума“, од македонската Агенција за храна и ветеринарство уверуваат дека во Македонија нема таква болест. Но, сепак, нагласуваат дека се преземаат сите потребни безбедносни мерки.
АХВ ги предупредува граѓаните кои патуваат да не внесуваат во Македонија храна од животинско потекло, а за сточарите апелираат свињите да не ги одгледуваат на отворено. Поради сезоната на годинишни одмори и почести патувања надвор од државата, АХВ бара од Царинската управа да прави поголеми контроли на багажот на патниците.
Болеста „африканска свинска чума“ е проширена и во Романија, но и во други држави од Источна Европа. Болеста не е опасна за луѓето, но го уништува добитокот.