„Скици од Македонија“ е мојот одговор на „Sketches of Spain“, класичниот албум на големиот Мајлс Дејвис. Ако ништо друго барем со насловот. Првично тој наш микс на македонски фолклор со џез елементи, имав на ум да го именувам како „Приспивна за Македонија“, за да подоцна практично ја заокружиме таа идеја за објава која веројатно на најдобар начин би говорела за музиката што ја пишувам и што ја свириме ширум Европа.
Вака, Томе Илиев еден од најуникатните кларинетисти на неговата генерација и инструменталист кој совршено „плива“ во водите класиката, џезот, светската, балканската, бразилска и афро-кубанска музика, ќе ја започне приказната за делото со кое го стори своето уметничко враќање дома. Со импресивен концерт во кино „Фросина“ во Младински културен центар во Скопје, два клупски настапи, по еден во главниот град и еден во Охрид, и згора перформанс во Софија, Бугарија, тој како најистурен во секстетот каде се и Флоријан Вајс на тромбон, Франсис Лана на пијано, Валентин Баумгартнер на гитара, Андријан Бекли зад тапаните и басистот Горан Гешовски ( во случајов замена за Јонае Кунзли), докажа дека е на убав пат во сопственото стамено чекорење на интернационалната сцена.
Инаку, Томе Илиев продолжувајќи ја семејната традиција основно музичко училиште завршил во родното Кавадарци, средно во „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, за да потем патот го одведе на Национална музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде дипломирал кај проф. Петко Радев. Во периодот од 2010 до 2016 бил постдипломец на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија и Магистер по класичен перформанс станал кај проф. Матиас Милер, а Магистер по џез педагогија кај Кристоф Граб.
Во моментов работи како професор по кларинет во музичкото училиште и во музичката компанија „Рорбас“ во Цирих и како диригент на дувачкиот оркестар во Мелинген, Аргау.
Освен во Швајцарија, редовно настапува во Германија, Франција, Австрија и во балканските земји со неговите главни бендови: Томе Илиев Квартет/Секстет, Д НОУЗЕС и како гостин со ЕКСТРАФИШ.
„Луѓето со кои настапувам се мои колеги од академиите на кој се образував. Половина се онака лути џезери, другите „класичари“ со интерес за различни музики од светот...но секој од нив добро го владее својот инструмент и е отворен за различни видови соработки. Станува збор главно за Швајцарци, клавиристот е Французин и тој на почетокот имаше проблеми со непарните ритми...но како времето минуваше и тој се запали и веќе го чувствува пулсот на музиката како нас“, вели Илиев.
Говорејќи за својот пат тој вели дека желбата за подобро образование, за школување кај авторитети во професијата и на странски универзитети била постојано присутна кај него. Уште во средно училиште не ги пропуштал летните кампови по Европа и во Америка, за да потоа дури и аплицира за стипендија во САД. Но, ќе рече дека „понекогаш едно планираш, а друго излегува“.
„Аплицирав по Америка, Австрија...но во исто време се отвори место за професор во Кавадарци во основното музичко училиште. Таму предавав една година...и видов дека не сум јас за тука. Едноставно немав каде да свирам. Не сакав да почнам со свадби и други прослави, за класиката едноставно немаше каде...а за џез требаше да патувам до Скопје. И за таа година се уназадив како инструменталист. Затоа направив се што е можно за да заминам. Да магистрирам и да се развивам како музичар“, вели тој.
Од друга страна забележува дека новата средина, Швајцарија му наметнала и поинакви барања. Го научила дека трнлив и полн со работа е патот до тоа да се стане вистински професионалец. До човек кој го владее занаетот и кому условно ќе му се отвораат нови патишта.
„Една школска другарка, инаку класично образована инструменталистка, своевремено кажа дека никогаш не можеш да кажеш дека си завршил со едукацијата, дека си се подготвил, дека сè си научил. Еден цел живот не е доволен за да се развиеш како музичар. Во мојот случај долг беше патот да стигнам до моментот кога можам слободно да импровизирам. Да бидам слободен и комотен да се впуштам во некои свои џез авантури. И технички и тонски и композиторски. Мораш секогаш да најдеш време за сопствениот напредок. Да се развиваш се повеќе и повеќе. Јас вежбам најмалку по неколку часа дневно“, смета кларинетистот.
Во однос на пишувањето музика Илиев истакнува дека желба има огромна, но за жал се помалку и помалку време. Дека во иднина ќе треба да си направи подобра агенда за да може да се бави малку повеќе со таа страна од сопственото авторско јас.
„Држам часови во две училишта, два пати неделно работам како диригент со различни оркестри, а за викендите е лудница. Свирам со сопствениот квартет или секстет, а тука се и Д НОУЗЕС со кои редовно настапувам цели шест години. Со нив свириме нешто што може да се именува како „џипси-џез-свинг“, многу сме блиску до она што некогаш го правеше легендарниот Шабан Бајрамовиќ...значи фолклорна музика со многу примеси од џез, латино, кубански и бразилски ритми...понекогаш тие песни ги правиме во македонски ритми...Свириме обработки на македонски песни како „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“...тие им се многу интересни на швајцарците, воопшто на луѓето од Запад. Паѓаат на таа музика. Имаме и француски, италијански поп класици... кои поминуваат низ нашиот филтер и така со ред“, вели Томе.
Појаснувајќи ја својата траекторија на движење како музичар Илиев ќе рече дека со Д НОУЗЕС се постојано по патиштата низ Европа. Посебно во лето.
По оваа серија со секстетот, од 20 јули со Д НОУЗИС ќе бидеме на турнеја по Шпанија. Последна станица ни е фестивалот во Сан Себастијан, во Билбао. Ќе ја поминеме и Франција, со настап на познатата манифестација Театар спектакл на која има врвни улични изведувачи, па ќе свириме и во Монпеље и во Тулуз. Минатата сезона бевме во земјите од Бенелукс, Шведска, Норвешка, Германија...и завршивме во Хрватска, со концерти во Сплит и на фестивал на островот Вис. Инаку, промоцијата на „Скици од Македонија“ ја започнавме во февруари во Цирих, во март свиревме во Инсбрук и во Грац во Австрија, потоа слеговме до Љубљана во Словенија...а во септември веќе се договорени свирки во Берлин и во Келн, Германија, и останува во декември да настапиме на еден престижен џез фестивал во Берн. Паралелно започнавме со договорите за концерти за 2020 година, потоа се надевам дека ќе го завршам материјалот за новиот албум кој евентуално би се појавил идната пролет за потем да тргнеме и со негова промоција по Скандинавија, а здравје се надевам дека ќе ни се остварат и плановите за патувања во Кина и во Јапонија, информира Илиев.