Мицкоски: Заев се лаже ако мисли дека законот за ЈО ќе го донесе без нас

Архивска фотографија- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не можел да се донесе Предлог законот за јавно обвинителство со кој се решава и статусот на Специјално јавно обвинтелство без “главната опозициска партија”.

“Зоран Заев треба да разбере дека не е повеќе фактор кој може да наметнува услови и диктира темпо. Ако мисли дека може без главната опозициска парламентарна партија да носи вакви крупни закони, тогаш се лаже, а се лаже ако мисли дека повторно со притисоци и закани може да собира гласови на пратеници, зашто веќе земјава му го изгуби стравот на Заев, а неговите денови во политиката се броени”, вели Мицкоски во интервју за порталот Република.

Во однос на нивните забелешки за владиниот предлог закон, лидерот на опозицијата вели дека тоа не е “предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување на обвинителство кое ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод”.

“Откако увиде премиерот дека ова постојно СЈО е компромитирано пред сé поради политичките влијанија кои тој и неговите луѓе ги вршат врз тоа обвинителство, дополнително притиснато од коруптивниот скандал во кој учествува првиот човек Јанева, тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не се даде нов живот на тоа СЈО, туку да се формира ново обвинителство во рамките на постојното Јавно Обвинителство кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал”, вели Мицкоски.

Тој додава дека проблемот настанувал кога Заев сакал на сила да протурка решение кое би било, како што вели, ново СЈО затоа што и ова обвинителство “би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО”.

За Мицкоски не е прифатлив предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Тој вели дека таа била “персонификација на нестручно работење под политичка палка” и затоа не можела да се справи со криминалот и да донесе правда.