Протест во Аеродром- жителите против центар за зависници во нивната општина

Илустрација

Пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Општина Аеродром денеска се одржа мирен протест во знак на револт од одлуката на Министерството за здравство метадонска терапија на зависници да се дава во општината каде живеат.

Учесниците на протестот истакнаа дека одлуката на ресорното Министерство е неприфатлива затоа што во близина на поликлиниката има градинки и училишта. Побараа да се отворат посебни места со таа намена и сугерираат тоа да бидат локации што не се многу населени.

„На ова место има црква, згради, градинки, училишта. Во паркот кај црквата ние сме наоѓале шприцеви од дрога. Не сме против зависниците. Но, наместо да се градеа објекти кои ништо не значат, требаше да се изградат објекти на периферија на градот и така ќе се решеше проблемот“, изјави жител на Аеродром кој присуствуваше на протестот.

На него беше и поранешниот градоначалник на општината од ВМРО-ДПМНЕ Ивица Коневски кој рече дека “одлуката е скандалозна бидејќи објективно проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други три места”.

Протестот беше организиран од „Граѓанската иницијатива-Гласот на Аеродром“.

Министерството за здравство завчера соопшти дека се во тек подготовки за дисперзија на дел од пациентите вклучени во Програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода и оти тие ќе бидат распределени согласно со општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Дисперзија ќе следи во општинските пунктови што се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населба Ченто и Бардовци и во Градската општа болница „8 Септември“ во Карпош. Според Министерството, се решава децениски проблем со Центарот за зависности во Кисела Вода.