Премиерот го смени телефонскиот број, дел советници и соработници ќе бидат отпуштени

Архивска фотографија- Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата

Претседателот на Владата Зоран Заев и неговиот кабинет преземаат мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации, сооштија од владината прес служба.

Од таму наведуваат дека во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.

“Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на Кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници”, наведуваа од Владата.

Во соопштението пишува и дека премиерот направил и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка.

Владата најавува справување со дезинформациите и со како што пишуваат, нападите врз демократијата во земјата, за што се подготвувал и План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе била претставена на јавноста.