Русковска: за Јанева немаме побарано ПИ мерки

Архивска фотографија- Обвинителката од обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска

Обвинителката од обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска денеска рече дека за специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева нема посебна истражна мерка.

“Од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е побара ПИ мерка за Катица Јанева. Значи ние не ја следиме, а дали некој друг ја следи не знам”, рече Русковска.

Овој нејзин коментар даден во емисијата Стадион на Канал 77 следува откако дел медиуми вчера објавија дека наводно имало мерка “с”, односно забрана за излегување на Јанева преку граница, а вечерта истото го потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Таа додаде дека во случајот “Рекет” имале аудио и визуелни снимки од домот на сведокот, а дека вториот телефон на специјалната обвинителка засега не е пронајден. Првиот телефон, пак, се уште е на вештачење и рече дека очекува в понеделник да биде готово.

Русковска додаде и дека предметот Империја не морал да пропадне, туку дека новото обвинителство можело да го почне од почеток. Тој предмет го водеше СЈО, а Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески со прекар Кичеец беа уапсени под сомнение за изнуда на пари на осомничени во тој предмет.

Таа рече дека навистина се изненадила од предлогот на премиерот Зоран Заев таа да го води новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција кое ќе биде дел од Јавното обвинителство. Русковска додаде дека не го видела детално предлог законот, но веројатно ќе имала некои забелешки.