Општина Охрид нема испратено официјално барање до Владата во врска со изземање или отстапување на ингеренции во одредена сфера од работењето на локалната самоуправа.
Како што се наведува во соопштението до медиумите, Општина Охрид очекува дека заеднички со Владата преку плански и стратешки пристап, постепено, чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и дека ќе ги поправи сите грешки од минатото, направени од претходните власти.
“Целта е на наредната сесија на Комитетот за светско наследство, конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност“, стои во соопштението.
Oд Општина Охрид наведуваат и дека во процесот на исполнување на препораките на УНЕСКО веќе е постапено за изработка Регистар за нелегални градби, се острануваат палмите и рекламните билборди од централното градско подрачје.
Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање поврзано со писмото што за предавање на ингеренциите испратено од градоначалникот на Струга Рамиз Мерко рече оти слушнал дека и Охрид сака да ги отстапи ингеренциите.
“Го немам уште добиено писмото од господинот Мерко, а слушнав дека и Охрид сака да ги отстапи надлежностите во градежништвото. Државата ќе ги земе ингеренциите заради обврска. Обврската е средување на Охрид, Охридското езеро и охридската околина заради УНЕСКО, но и заради ставање на ред и поредок на одредени девијантни појави кои што се случуваат таму. Нашата намера е да постапиме согласно закон”, рече Заев.