Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата изјави дека телефонски не разговарал со шефицата на СЈО, Катица Јанева пред да и биде одземен телефонот поради истрагата за случајот „Рекет“.
„Не сум се слушнал со Катица Јанева. Денес може да читате се. Верувам дека граѓаните може да оценат што е што, ако нешто се случило тоа можете сами да го утврдите ќе ги прашате соодветните луѓе, можете да прашате некои дипломати или поранешни дипломати, како што ме прашавте мене, но Јавното обвинителство соопшти дека било во нејзиниот дом, не е извршен претрес, но и е одземен мобилниот телефон со цел да се види нејзината поврзаност или соучество со Бојан Јовановски или пак да се увиди дали таа е злоупотребена, рече Заев.
Тој порача дека за него никој не е виновен додека не се докаже, и тоа го налага презумцијата на невиност. Додека не се докаже дали таа е инволвирана во криминал, Заев истакна дека стои зад неа. Во однос на вмешаноста на странска држава во случајот, тој рече дека не знае и нема да си дозволи да шпекулира и нагласи дека Бугарија е голем пријател на земјата.
Заев денеска на Владата ќе и предложи разрешување на досегашни директори, заменици, раководители на институции и членови на управни одбори, а ќе достави и предлози за пополнување на местата кои ќе бидат испразнети по разрешувањето. Во однос на најавена лидерска средба в петок повторно го повика Мицкоски да учествува во разговорите за клучните теми кои ги најави, пописот, изборниот законик и законот за јавно обвинителство.