Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави денеска дека шефицата на СЈО, Катица Јанева треба да оди во притвор откако вчера и беше одземен телефонот по обелоденувањето на случајот „Рекет“ за кој во притвор се менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милевски-Кичеец.
„Компромитираното СЈО е завршена работа, а првиот чекор треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови“, рече Мицкоски.
Според него, вчера граѓаните биле сведоци на втор криминален октопод на СДСМ предводен од Зоран Заев, но овој пат, како што порача, поголем со изразено криминално рекетарска медиумска спрега на високи функционери на власта. Тој воедно повика и на оставка на Владата и одржување предвремени парламентарни избори.