Специјалната обвинителка Ленче Ристоска денеска упати апел за побрзо расчистување на случајот „Рекет“, но и почитување на пресумцијата на невиност откако вчера беше одреден притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, а претходно шефицата на СЈО, Катица Јанева поднесе оставка, а заради истрагата подоцна и беше одземен мобилниот телефон.
„Примарна цел е зачувување на интегритетот на оваа институција. Стоиме зад работата што досега е завршена, ве уверувам дека сите предмети по кои се постапува се професионално водени и не се загрозени постапките. Наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на СЈО и секогаш сме постапувале на ниво на задачата за справување со криминалот. Внимателно го следиме сите случувања и сме подеднакво загрижени, но истовремено повикуваме да се почитува пресумцијата на невиност. Сите ве уверувам дека дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО и не смее да ги доведат под прашање интегритетот и постапките кои се видени досега“, истакна Ристоска.
Таа порача дека зборува во име на сите обвинители и целиот истражителски тим на СЈО. Според неа, целокупната работа на СЈО останува и освен пресудите досега изрази надеж дека и во иднина ќе има осудителни пресуди за постапките кои се во тек.
Ристоска посочи дека се уште немаат информации оти Јанева е опфатена од истрагата „Рекет“ и потенцира дека дејствијата на поединци не го карактеризираат дејствувањето на целата институција.
Таа лично ниту денеска ниту вчера не се сретнала со Јанева, а за нејзината оставка обвинителите во СЈО дознале кога било објавено во јавноста. За истрагата за случајот „Империја“, посочи дека не е запрена.
Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова додаде дека сите списи и одлуки кои излегле од СЈО ги потпишала Јанева. Околу одземениот телефон на Јанева, Ристоска дополни дека тоа е нормално ако тоа е во склоп на постапката на обвинителството, но повтори дека немаат официјални информации за инволвираност во случајот на некој од СЈО.