На покана на Демократското партнерство на Претставничкиот дом на САД, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска и утре ќе престојува во работна посета на Вашингтон. Во парламентарната делегација се и потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Како што соопшти собраниската прес-служба, дводневниот Парламентарен форум за лидерство е фокусиран врз демократското обновување за борба против заедничките закани за демократијата. Исто така, во рамките на форумот, Џафери и пратениците ќе имаат и билатерални средби со колегите од Конгресот и Владата на САД.
Програмата е организирана од Националниот демократски институт, со поддршка од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и во партнерство со Меѓународниот републикански институт.
На оваа програма од високо ниво, покрај Собранието на Република Северна Македонија, поканети се да учествуваат и дваесет партнерски парламенти на Претставничкиот дом.