Триесетдневен притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски, како осомничени за изнудување пари, одземен мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, како и претреси во домот на родителите на Јовановски во Тафталиџе и на неговата канцеларија во 1ТВ е епилогот од вчерашниот ден, откако претходно Јавното обвинителство ги обелодени случаите за Јовановски и Милевски, а Јанева си поднесе оставка.
Двајцата осомничени до доцна синоќа беа на распит во Кривичниот суд, по што Судот излезе со официјално соопштение во кое ја потврди мерката притвор.
Мобилниот на Јанева и е одземен по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од Обвинителството и тоа заради прибирање повеќе информации за истрагата против осомничените, кои во јавноста се познати како Боки 13 и Зоки Кичеец.
По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која двајцата осомничени ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.