Максималните температури во најтоплите летни месеци во Љубљана низ 30 години ќе се зголемат дури 8 степени Целзиусови во однос на сегашните, а просечните годишни за 3,5 степени, што словенечкиот главен град го прави потенцијална најголема жртва на глобалното затоплување предизвикано од стакленички гасови, покажува истражувањето на швајцарскиот институт „Crowther Lab“ кое опфаќа 520 градови во светот.
Летата во градовите, посебно во европските, ќе бидат уште потопли, а просечните температури во 2050 година ќе се зголемат меѓу 3,5 и 4,7 степени, додека една четвртина од 520 градови ќе доживеат драматична промена на климата, предупредува швајцарскиот институт.
Предвидувањата за промената на климата и времето во градовите се правени на претпоставки дека до 2050 година температурата на глобално ниво ќе се зголеми во просек за два степени Целзиусови.
Ако се верува на овие предвидувања, најголемите температурни промени ги очекува градовите на северната полутопка, посебно во Европа, чие поднебје ќе се промени така драстично како градовите да се преместени 1000 километри јужно.
Со зголемена температура од 7,6 степени во најтоплите летни месеци, зад Љубљана не заостанува многу ниту Виена каде времето во 2050 година би можело да биде какво што е сега во Скопје, а доста потобло ќе биде во Загреб, каде е проектирано зголемувањето на најголемите летни температури да биде за 7,3 степени.
Времето во Лондон во 2050 година би можело да биде како она што сега е во Барселона, со големи суши и проблеми со вода, покажува студијата.
Ако не се преземе нешто радикално во насока на намалување на глобалното затоплување, времето во Москва низ 30 години ќе биде сично како во Софија, американскиот град Сиетл ќе има временски услови какви што денеска има Сан Франциско, додека поради зголемувањето на температурниот максимум слично време ќе имаат Љубљана и Њујорк.