Како главен проблем со кој се соочуваат новинарите во државата и кој ја попречува слободата на изразувањето е неказнивоста на случаите на напади врз новинарите, изјави претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски, во обраќањето на панелот за Западен Балкан, со кој беше отворена Глобалната конференција за медиумска слобода во Лондон.
Чадиковски се осврна и на неспроведувањето на медиумските реформи во државата, напоменувајќи дека изборот на членовите на новиот Совет на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на јавниот rадиодифузен сервис се уште се заглавени во Парламентот.
Чадиковски рече дека во моментов има одредено ниво на слобода на говор каде секој зборува слободно, но нагласува дека сепак независноста на медиумите сé уште се наоѓа под знак прашалник поради фактот дека имаме мал коруптивен медиумски пазар.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски на Конференцијата во Лондон рече дека главна цел им е професионално, квалитетно новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ.
Владата, посочува Поповски, целосно ги поддржува и се обврзува дека ќе ги имплементира препораките вклучени во Глобалната заложба за слободата на медиумите прифатени од учесниците на Конференцијата за слобода на медиумите.