На предлог на министерството за надворешни работи, на денешната седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу РСМ и Република Бугарија. Министрите биле информирани дека двете страни го разгледале годишниот извештај на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја и врз основа на тоа донесени се следните одлуки:
,,Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува”, соопштија од Владата.
Исто така, се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за петто одделение во Република Бугарија и за шесто одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за шесто одделение во Бугарија и седмо одделение во Република Северна Македонија (Среден век до крајот на 2019 година).