Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска изјави дека телефонските разговори, објавени на Јутјуб на премиерот Зоран Заев со руски „пранкери“ кои се претставуваат како украинскиот претседател Петро Порошенко, претставуваат сериозен дипломатски скандал.
„Најодговорен за овој скандал е премиерот Зоран Заев, но ништо помалку одговорни не се ниту министерот за надворешни работи Никола Димитров и дипломатскиот советник на премиерот Дане Талевски. Не може да се случи трипати во низа, во август 2018, јануари 2019 и април 2019, разговор со лажен претседател на Украина, што значи развиена е меѓусебна доверба и откривање многу чувствителни информации“, рече Милошоски на прес-конференција во Собранието.
Според него, со тоа е нанесена штета, не само на угледот на земјата, туку и на репутацијата на македонската дипломатија. Тој побара и оставки од Заев, Димитров и Талевски поради „грубото непознавање на меѓудржавните комуникации“.