Мицотакис станува новиот премиер на Грција

Со пребројани 33,45% од гласовите, грчката изборна комисија соопшти дека во водство е партијата Нова демократија. Според нивните податоци, како што јавува новинската агенција МИА, Нова Демократија е победник на предвремените парламентарни избори во Грција, со 8,5% разлика во однос на СИРИЗА и доволен број пратеници за да формира еднопартиска влада. Според овие податоци Нова Демократија освои 159 пратенички места додека Сириза пак освоила 85.

Според досега преброените гласови, Златна зора не успева да обезбеди место во грчкиот парламент, бидејќи за 0,01% не ја достигнува границата од 3%, нешто што може подоцна да се промени.

Лидерот на Нова демократија утре ќе положи свечена заклетва со што и официјално ќе стане премиер на Грција, јавува МИА. Според нивните информации досегашниот премиер Алексис Ципрас веќе телефонски му честитал на Мицотакис и го информирал дека утре го чека да ја посети премиерската палата за примо-предавање на функцијата.