Албанија го откажа учеството на Самитот на СЕЕЦП во БиХ во знак на солидарност со Косово

Состанок на СЕЕЦП во Сараево на 22 март 2019

Министерот задолжен за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, објави дека Албанија нема да учествува на самитот на СЕЕЦП, организиран од Босна и Херцеговина.

На социјалната мрежа „Твитер“, тој напиша дека третманот на организаторите кон Косово е неприфатлив, дека е против стремежот да се создаде атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност. Цакај уште додава дека не може да има соработка без еднаков третман.

„Албанија го откажа своето учество на Самитот на СЕЕЦП во знак на солидарност со Косово. Неговото третирање од страна на организаторите е неприфатливо и не е во насока на создавање атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност. Не постои соработка без еднаков третман. Стоиме заедно“, напиша албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Цакај, кој е од Косово.

Според албанските медиуми, вчера претседателот на Косово, Хашим Тачи, информирал дека добил покана да присуствува на самитот, но со објаснувачка забелешка пред името на Косово, за разлика од другите држави. Тачи навел дека Косово ја одбило поканата.

Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП), со кој претседава Босна и Херцеговина, се одржува утре и задутре во Сараево, а ќе учествуваат шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот.