Во Русија денеска беа погребани 14-те морнари кои загинаа во пожар на една руска воена подморница. На церемонијата присуствуваа и државни и воени претставници. Морнарите беа погребани на гробиштата во Санкт Петерсбург со воени почести.
Властите не им дозволија на медиумите да присуствуваат на опелото во блиската црква, ниту на погребот, каде што присуствуваа високи воени и морнарички офицери.
Воените и владините претставници соопштија само оскудни информации за инцидентот во Баренцовото Море во кој загинаа морнарите на 1 јули. Ова е најлошата подморничка несреќа во земјата во изминатите години.
Официјалните претставници не соопштија која нуклеарна подморница се запалила, но медиумите објавија дека тоа била подморницата Лошарик за тајно набљудување и истражување.
Министерството за одбрана објави дека морнарите загинале од отровните гасови од пожарот и дека во несреќата има и преживеани, но не соопшти колкумина. Неколкумина од загинатите се офицери на високи позиции, што укажува дека подморницата можеби спроведувала нови маневри или тестирања.
На новинарите им беше дозволено да го посетат гробиштата по завршувањето на погребот.
Морнарите биле погребани во близина на гробницата на некои од загинатите морнари од подморницата Курск, која потона во 2000 година, при што загинаа сите 118 морнари. Тоа беше најголемата подморничка несреќа во Русија.