Последниот ден од предизборната кампања, само неколку часа пред молкот, грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас, одржа митинг во центарот на Атина.
Лидерот на владејачката партија на неколку пати во неговите интервјуа за грчките медиуми порача дека „во натпреварот е можен пресврт“, односно дека СИРИЗА може да направи пресврт на изборите в недела, во однос на резултатот од европските избори.
Алексис Ципрас во неговиот говор се осврна и на Договорот од Преспа, велејќи дека сега, Грција на северната граница има „земја пријател и сојузник, а не непријател“.
Грчкиот премиер, во обраќањето од Синтагма, на граѓаните, пред тие да решат за кого ќе го дадат нивниот глас на изборите им ја постави дилемата, да размислат каква била ситуацијата во земјата во 2014 односно пред доаѓањето на СИРИЗА на власт и каква е сега, јави дописничката на МИА од Атина.
Според сите истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во предизборниот период, СИРИЗА, на утрешните избори ќе биде поразена од најголемата грчка опозициска партија Нова демократија.